Забранета за пиење водата од селските водоводи во Иванковци и Кумарино, Велешко
Општина Велес ја објави забраната за користење на водата додека не се добијат негативни анализи кои ќе потврдат дека е безбедна.

Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани за пиење водата од селските водоводи во Иванковци и Кумарино, Велешко. Решението е издадено на 20 август, а забраната ја објави Општина Велес.
Во соопштението од општината стои: „Поради утврдена неправилност, водата не смее да се користи за пиење сè до укинување на забраната од страна на надлежниот орган. Ги повикуваме граѓаните доследно да ја почитуваат изречената забрана и да постапуваат согласно насоките на надлежните институции“.
На неколку локации во двете села е поставено предупредување „Водата не е за пиење“, а Општината најави дека јавноста ќе биде информирана веднаш по добивањето официјална потврда дека водата е безбедна за употреба.
Услови за укинување на забраната
Според соопштението, забраната ќе биде укината по добивање на три последователни задоволителни (негативни) анализи на водата од страна на надлежниот орган.
Според пописот од 2021 година, во селото Иванковци живеат 650, а во Кумарино 50 жители. Со селските водоводи управува месната заедница.
Општинските служби ги повикаа жителите да ги следат поставените известувања и упатствата на институциите додека не се добие официјален извештај дека водата е за пиење.
Фото: СДК.МК)