Забрането е пиење вода од повеќе водоснабдувања во Кичево
По лабораториски анализи од Центарот за јавно здравје – Битола, се воведе привремена забрана за користење вода од шест точки во Кичево и околината.

Општина Кичево извести дека е воведена привремена забрана за користење на водата за пиење од шест водоснабдувателни објекти во градот и приградските населби, по добиено официјално решение од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Како што се појаснува, одлуката е донесена врз основа на резултатите од физичко‑хемиските и микробиолошките лабораториски анализи на примероци од вода, кои ги изврши ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола, во согласност со одредбите од Законот за безбедност на храната.
Локациите од кои е забрането пиењето вода
- селскиот водовод во Гарани (чешмата кај џамијата);
- патната чешма во Другово (кај разделната градба);
- јавната чешма „Бела Кула“ во Кичево;
- селскиот водовод во Стрелци (кај училиштето „Милто Гура“);
- селскиот водовод во Шутово (пункт „Милто Гура“);
- селскиот водовод во Премка (во центарот на селото).
Општината апелира до граѓаните строго да ја почитуваат забраната со цел заштита на сопственото здравје и наведува дека мерката стапува на сила веднаш.
Истовремено, од локалната самоуправа појаснуваат дека водата за пиење од изворот Студенчица и градскиот водоводен систем што се снабдува од овој извор е целосно исправна, безбедна и одговара за употреба.
И крушевската вода е бактериолошки неисправна, надлежните ги повикаа жителите да пијат само флаширана.
Фото: freerangestock.com / CC0