Зголемен број странски туристи: најмногу од Турција и Германија
Во првите седум месеци земјава ја посетиле 741.446 туристи, а странските посетители бележат раст, соопшти Министерството за култура и туризам.

Во првите седум месеци од годинава земјава ја посетиле вкупно 741.446 туристи, при што Министерството за култура и туризам на Светскиот ден на туризмот соопшти дека бележи зголемување на бројот на странски посетители.
Од ресорното министерство наведуваат дека меѓу најбројните пазари се Турција, Германија, Србија, Романија и Албанија, кои доминираат во структурата на странските пристигнувања.
Приоритети: одржлив развој и дигитализација
Министерството истакнува дека заедно со Владата го препознава туризмот како значаен фактор за економскиот и општествениот развој и дека ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на туристичката понуда и нејзината одржливост.
Во соопштението се додава: „Овие резултати ја нагласуваат важноста на континуираната промоција на Македонија, унапредувањето на квалитетот на туристичките услуги и развојот на автентична, одржлива и конкурентна туристичка понуда, во согласност со потребите на современите туристи. Вештачката интелигенција и дигитализацијата отвораат нови можности за поефикасно управување со туристичките дестинации, подобро планирање и создавање поиндивидуализирани, поинклузивни и поквалитетни туристички искуства. Во соработка со приватниот сектор и сите чинители во туризмот, продолжуваме посветено да создаваме услови за развој на современ и конкурентен туристички сектор, кој ќе ги следи светските трендови, ќе ги зачувува нашите вредности и ќе отвора нови можности за граѓаните и економијата“,
Од министерството посочуваат дека позитивните движења во секторот треба да бидат импулс за продолжување на вложувањата во промоција, квалитет на услуги и зајакнување на капацитетите на приватниот и јавниот сектор.
Фото: прес-материјал од настанот


